Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Одржан вебинар на тема: „Размена на знаења и практики за клевета и навреда како предуслов за квалитетни измени на актуелниот закон“

ZNM
понеделник 11 мај, 2020понеделник 11 мај, 2020/ понеделник 11 мај, 2020

На 30 април, 2020 година се одржа првиот вебинар за подобрување на судската пракса на тема клевета и навреда со наслов: „Размена на знаења и практики за клевета и навреда во Северна Македонија како предуслов за квалитетни измени на актуелниот закон“ (ДЕЛ 1).

На овој вебинар учествуваа новинари кои имаат искуство во покривање на теми поврзани со клевета или пак самите биле дел од такви судски постапки, судии од граѓанските судови во Северна Македонија и адвокати со искуство во доменот на слободата на изразувањето. Освен нив, на вебинарот присуствуваа и сертифицирани ЈУФРЕКС обучувачи, кои се добро запознаени со стандардите на Советот на Европа.

 

Главна тема на разговор меѓу учесниците беше Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и праксата на засегнатите страни во имплементацијата на овој закон. Земајќи во предвид дека повеќето од учесниците имаат практично искуство со имплементација на овој закон се овозможи да се развие конструктивна дебата, каде беа разменети искуства и информации за спроведувањето на овој закон како и негово идно менување и дополнување.

Вебинарот го отвори Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски кој во своето воведно излагање ги поздрави присутните, ја претстави агендата и ги најави трите говорници: новинарката Мери Јордановска, судијата Кети Германова и адвокатот Лазар Сандев. Освен тоа, Секуловски ја отвори дискусијата  посочувајќи дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда треба да биде изменет, а тоа се очекува да се случи во текот на месеците мај и јуни оваа година. Секуловски потенцираше дека откако се декриминализирани клеветата и навредата бројот на случаи по тој основ е значително намален. „Целта е клеветата и навредата да не служат како инструменти на државата за притисок врз новинарите и медиумските работници бидејќи на тој начин се влијае негативно на слободата на изразување“, истакна Секуловски.

Пред да започнат тројцата говорници со своите презентации, поздравни обраќања имаа и Наташа Габер Дамјановска – Директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Младен Чадиковски – Претседател на ЗНМ и Александра Богдановска – Постара раководителка на Програмата на Советот на Европа во Скопје.

Габер Дамјановска рече дека во време на пандемија, кога граѓаните го поминуваат времето дома и постојано ги следат медиумите, одговорноста на новинарите е уште поголема. „Во таа смисла верувам дека секоја добра национална легислатива би требала да понуди разумен баланс помеѓу потребата да се заштити и промовира слободата на изразување на граѓаните, заедно со способноста на медиумите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес, наспроти оправдано и во рамките на професионалната етика да се заштити нечија чест и углед од навреда или клевета“, истакна таа и додаде дека примената на законот никако не смее да доведе до непожелниот ефект на самоцензура кај новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека ситуацијата со медиумските права и слободи е исклучително комплицирана во нашата земја и оттаму настануваат и многу предизвици и проблеми кои останува да се решаваат на ова ниво. „Една од нашите заложби е клеветата и навредата да ги решаваме преку механизмите за саморегулација“, истакна Чадиковски. Во таа насока Чадиковски посочи дека токму затоа е создаден и Регистарот на професионални онлајн медиуми (Promedia.mk), бидејќи според статистиките, Етичкиот кодекс најчесто се прекршува во онлајн медиумите. Според Чадиковски, денеска има околу 35 тужби за клевета и навреда пред граѓанските судови во Северна Македонија. Тој нагласи дека Здружението на новинарите честопати апелира до судиите за казните за новинарите за овие две дела да бидат минимални и да не вклучуваат затвор или високи парични казни кои новинарите не би можеле да ги подмират.

Александра Богдановска пак ги поздрави присутните во име на JUFREX проектот и истакна дека во проектните активности на тема слобода на изразување и слобода на медиумите во Република Северна Македонија ќе продолжат до 2022 година. „Во оваа фаза ќе се фокусираме и на заштита на новинар(к)ите, тоа ни е еден нов елемент за разлика од претходната фаза, што мислам дека кореспондира и со оваа тема“, рече Богдановска. Таа изрази надеж дека и во иднина ќе продолжи соработката помеѓу медиумските професионалци/ки од една страна и сите други правни професионалци/ки од другата страна. „Тука ќе бидат вклучени и полициските службеници/чки бидејќи ја тангираме темата за заштита на новинар(к)и, како и факултетите, со цел да ја доближиме оваа важна тема до идните суди(јк)и, адвокат(к)и, обвинител(к)и, новинар(к)и итн.“, истакна Богдановска.

Новинарката на Макфакс, Мери Јордановска беше прва од говорниците која се обрати на вебинарот истакнувајќи дека честопати како новинарка се соочувала со вербални закани, закани за тужби, притисоци за необјавување на вестите и слично. „Мора да кажам дека претходно пред да бидат декриминализирани клеветата на навредата, последиците беа поинакви. Јас тие последици ги осетив уште на самиот почеток на мојата кариера. Имено, бев тужена кога пишував за имотот на Ленче Софрониевска која тогаш беше претседателка на судскиот совет“ рече Јордановска и додаде дека последиците од тој спор ги чувствува и ден денес. Присетувајќи се на судскиот процес Јордановска истакна дека тој траел повеќе години, а во некои наврати полицијата доаѓала да ја земе од дома за да ја однесат да присуствува на рочиштата. „На крајот, после многу телефонски јавувања, успеавме да се спогодиме каде јас морав да се извинам за напишаното“, рече таа.

Јордановска посочи дека во нашата земја недостига процесуирањето на предметите од страна на институциите откако новинарите ќе изнесат во јавност одредени сомненија за сторен криминал. „Кај нас тој процес завршува тука. Ќе отвориш сомнеж, ќе ти се заканат со тужба и приказната завршува бидејќи се плашиш да продолжиш понатаму“, рече таа.

Според Јордановска, доколку се дојде до законски измени во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда тогаш тие треба да се вклучуваат процедури како што се: саморегулација, медијација, барање на демант и барање за извинување. „На тој начин би се исклучиле тужбите бидејќи и покрај тоа што се декриминализирани клеветата и навредата, сепак рочиштата траат предолго, а сето тоа претставува извесен притисок врз новинарите“, рече таа.

По новинарката Мери Јордановска се обрати судијата од Основниот граѓански суд – Скопје, Кети Германова.  Германова истакна дека на почеток се соочила со проблем на невоедначена судска пракса во однос на тоа кој треба да сноси одговорност кога судот утврдува дека е сторена клевета или навреда, бидејќи интернет порталите биле изземени од законот за медиуми од 2013 година. „Тоа доведуваше до носење на различни одлуки во судовите низ Република Северна Македонија“, рече Германова. „Сето ова беше повод за да одржат работна средба граѓанските оддели при четирите апелациони судови од земјава и од месец март, донесен е заклучок според кој одговорноста за навреда и клевета лежи кај главниот и одговорен уредник кај електронските публикации“, додаде Германова. Таа го поздрави новосоздадениот Регистар на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk), посочувајќи дека тој ќе биде од голема помош на судиите при носењето на одлуките.

Како последен говорник на овој вебинар се обрати адвокатот Лазар Сандев кој има застапувано голем број новинари пред судовите во С. Македонија. Според него, при носење на одлуките, судиите секогаш треба да го земат во предвид контекстот и содржината. „Ова е важно бидејќи ние како адвокати знаеме да го извадиме контекстот од содржината“, истакна тој и им порача на судиите и јавните обвинители да бидат многу претпазливи кога работат на овој вид на предмети. Во однос на легитимирањето на новинарите и интернет порталите Сандев посочи дека секој интернет портал кој врши професионална активност и остварува добивка од своето работење треба да се води како медиум.

По обраќањата на говорниците се отвори поширока дебата каде учесниците имаа можност да ги споделат своите мислења на темата. Дел од присутните сугерираа дека судењата не треба да траат предолго, бидејќи на тој начин тужителот нема да може да добие морална сатисфакција, а од друга страна со тоа се врши притисок врз слободата на изразувањето. Беше заклучено дека меѓу другото овој проблем настанува и поради недостигот на судии кои работат на овој вид на предмети. Во таа насока беше предложено формирање на професионално одделение кое ќе работи на предмети поврзани со клевета и навреда. Освен тоа, беше предложено со измени во законот на судот да му биде дозволено да ги отфрла тужбите доколку смета дека нема доволна основа за тужба.

На крајот беше најавен уште еден настан кој ќе биде организиран во текот на наредните недели, каде заклучоците од овој вебинар ќе бидат разменети и надополнети со меѓународно искуство и дополнителни дискусии со учесници и од други релевантни институции како што е Министерството за правда, а во врска со релевантните стандарди на Советот на Европа.

Вебинарот беше организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на акцијата која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа која има за цел да им асистира на корисниците во регионот на Западен Балкан и Турција во усогласувањето со стандардите на Советот на Европа и acquis на Европската Унија во рамки на процесот на нејзино проширување, онаму каде што тоа е применливо.

Овој текст беше подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија и Советот на Европа. Гледиштата изнесени во текстот не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија или Советот на Европа.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwitterlinkedin